| Контакт: 089 011 011 | | Стани наш пријател | | Следи нè на Twitter |
|
|
Прес конференција на Кејблтел
Изминаа 2 месеци откако граѓаните останаа без преводи, а државните институции сеуште не најдоа решение како да се справат со нерегуларноста на големите оператори ОНЕ и Т-Хоум, како и со нерегуларноста што самите странски ТВ канали ја вршат на територијата на Р. Македонија. Советот за радиодифузија на РМ во декември 2009 г., до сите електронски оператори кои реемитуваат ТВ програми, достави Налог за исклучување на сите странски титлови на ТВ каналите кои имаа каков било превод (српски, хрватски и останати преводи), притоа давајќи рок за извршување на налогот. Веднаш се обративме до ТВ каналите за кои имаше најава за македонски превод, но истите се огласија дека во Р. Македонија ексклузивно право на македонските титлови (преводи) имаат само ОНЕ и Т-хоум. Во рокот којшто го определи Советот за радиодифузија, електронскиот оператор ОНЕ достави до Советот за радиодифузија договори за ексклузивни права на реемитување на македонските преводи (субтитли) на одредени ТВ канали, како на пример, Fox Life, Fox Crime, Discovery, Animal Planet, Discovery diginets, а Советот за радиодифузија, како единствен регулатор на радиодифузната дејност во РМ не се ни обиде да ја утврди легитимноста на ваквите договори, имајќи притоа предвид дека овие договори се спротивни на законот. Повеќе пати усно се обративме до Претседателот на Советот, со молба да ја утврди ваквата состојба, но единствениот одговор беше (цитат): Станува збор за Бизнис , платете и вие ќе добиете преводи. Ова е единствениот начин ОНЕ да се бори со вас! Се прашуваме дали некаде се наѕира грижа за граѓаните на РМ, или грижата се сведува само за операторот ОНЕ? Кога писмено се обративме до Советот за официјално мислење дали ексклузивата на наведените оператори на употребата на македонскиот јазик е во рамките на законите на РМ, овој државен орган ни одговори дека за оваа состојба ја известил Комисијата за заштита на конкуренцијата на РМ. Нашето барање не се однесуваше на дејствијата што Советот ги преземал, туку конкретно на мислењето дали некои оператори дејствуваат во рамките на законот. Притоа им доставивме мислење од Министерство за култура на РМ дека ексклузивното реемитување на македонските субтитли и цели програми, како што е случај со HBO, не е во согласност со Законот за авторско право и сродни права на РМ (со точно наведени одредби од законот кои го уредуваат овој начин на реемитување) и со Европската директива Е93 (каде исто така, точно се наведени одредбите коишто се кршат со екслузивноста на ОНЕ). Во меѓувреме поднесовме Барање за поведување постапка за оценување на ограничување на конкуренцијата на македонскиот пазар пред Македонската комисија за заштита на конкуренцијата, и побаравме помош од сите странски институции во државата: Европска унија, Американска амбасада и др., но за жал сеуште немаме разрешница на случајот. Веќе 3 месеци се толерира монополистичко однесување на двата оператора и сеуште никој соодветно не реагирал. Вовлечени во правниот лавиринт на државата, корисниците се најмногу оштетени со ваквата состојба, и притоа се принудени за иста услуга да плаќаат поскапа цена, доколку сакаат да го добијат сервисот што некогаш го следеле за помал паричен надомест. Ниту еден државен орган соодветно не се нафати да превземе какви било мерки за заштита на потрошувачите, а притоа имајќи предвид дека електронските оператори обавуваат јавна дејност која јавна дејност подразбира дејност во интерес на потрошувачите, граѓаните на РМ! Се поставува прашањето дали државата ги штити своите граѓани од нелојални дејствија на одредени правни субјекти? На кој начин државата се грижи за своите граѓани? Дали зголемувањето на цените на осиромашени понуди е нормално во една развиена држава? – Одговорот на овие прашања треба да го најдете вие. Оваа состојба со кршење на Законот од страна на двата електронски оператори кои дејствуваат на целата територија на РМ, не поттикна да се огласиме во јавноста и да им кажеме на нашите корисници дека ние не сакаме да им ја зголемиме цената, не сакаме да ги исклучуваме каналите или преводите кои се општо добро за сите нас, едноставно само ги почитуваме законите во РМ. При ваквото наше однесување, се соочуваме со низа неразумни ситуации, како на пример: Во центарот на нашата држава, градот Скопје, електронски оператори сеуште реемитуваат српски титлови, лажно рекламираат македонски преводи на канали (кои дури во октомври 2010 г. ќе отпочнат да се преведуваат), во останатите најголеми градови во РМ – Тетово и Куманово оперираат електронски оператори кои во своите понуди ги нудат HRT 2, OBN, NOVA, Premiere, и притоа сите овие канали јавно се објавени на нивните веб страни, и повторно државата нема механизам да се справи со оваа состојба. Архивата на КЕЈБЛТЕЛ е преполна со барања за надзор и за превземање на сите активности во рамките на своите овластувања од страна на државните институции, но при секое наше барање, единствен инспекториран субјект е КЕЈБЛТЕЛ. Можете да побарате официјален извештај од државните инспекциски органи кога извршиле надзор над нелегалните кабелски оператори во Куманово и Тетово! Можете да побарате од Советот за радиодифузија кога и колку пати извршил мониторинг над работењето на овие два оператора и колку прекршочни пријави има поднесено против овие оператори кои без никакви потешкотии реемитуваат се и сешто! Се поставува прашањето кој во случајот е неспремен за влез на големата конкуренција на македонскиот пазар, регулаторот или операторите?
|
||